Иранско-американските преговори, чија цел е ставање крај на војната на Блискиот Исток, започнаа во Исламабад, објави пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф, кој одвоено се сретнал со делегациите на двете страни.
„На почетокот на преговорите во Исламабад премиерот се сретна со Џеј Ди Венс, потпретседателот на САД, кој ја предводи американската делегација“, се наведува во соопштението од кабинетот на Шариф.
Пред почетокот на разговорите, кои се одржуваат во атмосфера на длабока недоверба и без јасно утврден формат, премиерот се сретнал и со иранската делегација, изразувајќи надеж дека разговорите ќе доведат до траен мир.
Војната, започната на 28 февруари со израелско-американската офанзива врз Иран, досега однесе илјадници животи, најмногу во Иран и Либан, и предизвика сериозни потреси во глобалната економија.
Средбата се одржува во хотелот „Серена“, каде што пристигна и американската делегација предводена од Џеј Ди Венс, заедно со специјалните пратеници Стив Виткоф и Џеред Кушнер.
Пакистан формираше тим експерти за поморски сообраќај, нуклеарни прашања и други клучни теми, додека процесот внимателно го следат Египет, Турција и Кина.
Иран предупреди дека влегува во преговорите „во атмосфера на целосна недоверба“, при што министерот за надворешни работи Абас Аракчи изјави дека САД повеќепати ги прекршиле обврските. Претседателот на иранскиот парламент Мохамад Багер Галибаф посочи дека Иран поставил два услови: примирје во Либан и одмрзнување на иранските средства.
Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс, пред доаѓањето во Пакистан, предупреди дека САД нема да толерираат тактики на одложување, но истакна дека сепак ќе се обидат да водат позитивни преговори.
