Поранешниот вицепремиер Артан Груби денеска седна во обвинителна клупа, но по барање на одбраната се одложи главната расправа во судскиот процес за случајот „Државна лотарија“, во кој покрај Груби се обвинети осум лица.
Обвинетиот поранешен директор на Државна лотарија Перпарим Бајрами, сè уште е во бегство и за него Обвинителството бара да му биде определена мерка притвор од пронаоѓање во траење од 30 дена.
Според обвинителниот предлог поднесен од Основното јавно обвинителство Скопје, Артан Груби и уште седум лица се товарат дека во текот на 2023 и 2024 година со пречекорување на службените овластувања предизвикале штета на АД „Државна лотарија“ од околу 8,2 милиони евра.
На сите обвинети им се става на товар кривичното дело злоупотреба на службена положба и овластување за што е предвидена казна затвор од една до пет години.
Судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски образложи дека доказниот материјал е обемен и содржи 231 материјален и седум вербални докази. Поради обемот, доказите не биле испратени по пошта, туку биле обезбедени во кутии во судот, од каде што бранителите можат да ги подигнат и да извршат увид. Следното рочиште е закажано за 7-ми септември, а следните се во текот на септември и октомври годинава.
