Поранешниот ракометар и тренер на Ракометниот клуб Борац Бања Лука, Ненад Бајиќ, почина на 39-годишна возраст, соопшти клубот.
Бајиќ беше дел од Борац уште од најраните ракометни денови. Роден во 1987 година, кариерата ја започнал во РК Косиг, а потоа ги минал сите младински категории на Борац Бања Лука, каде што настапувал и како сениор.
Во 2012 година дипломирал на Факултетот за физичко воспитување и спорт во Бања Лука, а подоцна работел и како професор. По завршувањето на играчката кариера, од 2015 година целосно се посветил на тренерската работа во ОРК „Бања Лука“, каде што воспитуваше генерации млади ракометари.
Од Борац истакнуваат дека Бајиќ зад себе оставил длабока трага, не само како спортист и тренер, туку и како човек кој бил пример за чесност, посветеност и човечност.
„Со голема тага ја примивме веста дека нè напушти Ненад Бајиќ – дете на Борац, врвен спортист, а пред сè уште подобар човек. Тивок, скромен и добар човек. Човек кој го красеа човечноста, чесноста и љубовта кон ракометот. Тешко е да се најдат вистинските зборови за ваква загуба. На семејството Бајиќ, на пријателите од ОРК „Бања Лука“, каде што како тренер во изминатите десет години остави длабока трага, и на сите кои го познаваа и го сакаа Ненад, им упатуваме најискрено сочувство. Нека ти е лесна земјата, Ненаде. Почивај во мир“, се наведува во соопштението на клубот.
