По долгогодишна запуштеност, Град Скопје започна со обновување на градските цвеќарници на ЈП „Паркови и зеленило“, кои повторно ќе бидат ставени во функција. Станува збор за цвеќарницата „Роза“ на булеварот „Илинден“, спроти фонтаната „Лотос“, како и цвеќарницата кај Министерството за економија, каде веќе се реализираат активности за темелна реконструкција.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски истакна дека овие места имаат посебно значење за многу генерации скопјани, бидејќи токму таму се купувале букети за свадби, прослави и други важни животни моменти.
„Градските цвеќарници беа дел од убавите спомени на многу скопјани. Затоа повторно ги ставаме во функција, со цел да станат уредни, пријатни и достапни катчиња за сите граѓани. Имаме обврска да се грижиме за она што го наследивме, да му дадеме нова вредност и да го оставиме со гордост на генерациите што доаѓаат“, порача Ѓорѓиевски.
Тој најави дека по завршувањето на реконструкцијата, во обновените цвеќарници ќе се нудат цвеќе и други услуги по пристапни и фер цени, со цел секој граѓанин да може лесно да одбере убав гест за своите најблиски.
