По 50.000 евра казна ќе платат 4 маркети за картелско здружување, а Сојузот на стопански комори кој ги координирал во тоа ќе плати казна од 18.585 евра. Вакво решение донесе Комисијата за заштита на конкуренцијата, која соопшти дека казнетите го прекршиле Законот за заштита на конкуренцијата.
„Утврдено е дека на состанок одржан на 5 февруари 2025 година учесниците постигнале усогласен став за неприфаќање нови или зголемени ценовници од добавувачите, со што ја замениле состојбата на независно пазарно однесување со состојба на практична координација. Овој вид на однесување по својата природа претставува т.н. „by object” ограничување на конкуренцијата, кое е забрането без потреба од дополнително докажување на пазарни ефекти”, соопшти КЗК.
Казната од по 50.000 евра за секое од трговските друштва, велат од КЗК, треба да превенираат идни нарушувања на пазарот и заштита на потрошувачите и пазарната конкуренција.
