Студентката Теа од Штип, која во критичната ноќ во дискотеката во Кочани пристигнала околу 1 часот по полноќ заедно со пријатели денеска сведочеше дека пиротехничките средства во „Пулс” биле поставени вечерта откога таа пристигнала заедно со пријателите, односно околу 1 часот по полноќ.
При тоа таа реагирала кај своја пријателка дека се наоѓаат премногу блиску до гостите, а додека снимала со мобилен телефон, забележала дека по една минута почнал пожар.
Според сведочењето, во моментот на евакуацијата настанала голема турканица, а зад неа се слушнала експлозија. Рече дека се заглавила меѓу влезната и излезната врата по што почнала тешко да дише, а обезбедувачот по име Стојанчо ја извлекол надвор, каде што ги чекале родителите.
На почетокот на судењето обвинителот рече дека за барањето на првообвинетиот Дејан Јованов – Деко за определување мерка куќен притвор ќе се произнесе или писмено или на следното рочиште.

