Напнат инцидент се случил во авион на компанијата „Флај Дубаи“ кој летал од Дубаи кон Тел Авив, откако пилотот бил повреден со нож, а дел од патниците интервенирале и го совладале напаѓачот, според изјави на израелски официјални лица.
Портпаролот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, Дорон Шпилман, изјавил дека индискиот капетан Смит Мачар, и покрај повредите, успеал да ја отвори вратата од пилотската кабина, по што неколку патници влегле внатре и помогнале во совладување на вториот пилот.
„Повредениот капетан, иако бил на подот и крварел, ги искористил последните сили за да ја отвори вратата од кокпитот“, изјавил Шпилман, пренесува „Тајмс оф Израел“.
Според неговите зборови, патниците кои забележале дека се случува нешто невообичаено веднаш реагирале и влегле во пилотската кабина, каде го затекнале повредениот капетан и друг член на екипажот.
Авионот по инцидентот испратил сигнал за помош и бил пренасочен кон Табук во Саудиска Арабија, каде принудно слетал. Во леталото имало 174 патници, од кои 166 биле Израелци.
Подоцна, авионот со патниците пристигнал на аеродромот „Бен-Гурион“ во Израел, каде ги пречекале премиерот Нетанјаху и министерката за транспорт Мири Регев.
Од службата за итна медицинска помош „Маген Давид Адам“ информирале дека еден 51-годишен патник бил пренесен во болница поради полесна повреда во пределот на градниот кош.
Случајот предизвика големо внимание, а надлежните треба да ги утврдат сите детали и мотивите за инцидентот.
