Вечерва беа одиграни уште три натпревари од првото коло во Евролигата, а најмногу внимание привлече триумфот на Партизан против Олимпија Милано пред своите навивачи во Белград.
„Црно-белите“ одиграа одличен натпревар и заслужено славеа со 92:76, покажувајќи дека се подготвени за предизвиците во новата сезона. Партизан во текот на целиот меч беше подобар противник од италијанскиот тим и на крајот стигна до убедлив триумф.
Главна фигура во победата беше Џонс, кој реализираше 20 поени, а додаде и 10 асистенции и 4 скока, потврдувајќи ја улогата на лидер во составот на белградскиот клуб.
Драматичен натпревар се одигра во Истанбул, каде што Бешикташ на домашен терен загуби од Валенсија со 94:96. Во победничкиот тим блескаше македонскиот репрезентативец Ти-Џеј Шортс, кој со 26 поени беше најдобриот стрелец и најзаслужен за големата победа на шпанскиот тим.
Успешен старт во новата евролигашка сезона имаше и Фенербахче. Турскиот состав пред своите навивачи го совлада Виртус со 78:68 и со победа го започна настапот во најквалитетното европско клупско натпреварување.
