Папата Лав XIV за време на четиридневната посета на Франција, од 25 до 28 септември, ќе се сретне со жртви на сексуална злоупотреба од страна на свештеници, соопшти Ватикан. Средбата ќе биде организирана во координација со самите жртви, а точниот термин и локација ќе бидат објавени дополнително.
Посетата ќе вклучува и обраќање во седиштето на УНЕСКО, средба со француските бискупи во Лурд и меѓуверски собир во Мец.
Според извештај објавен во Франција во 2021 година, околу 330.000 деца биле жртви на сексуална злоупотреба од црковен персонал во период од седум децении. Минатиот месец Папата повторно ја потврди својата заложба за борба против злоупотребите во Католичката црква и го назначи францускиот бискуп Тибо Верни да ја предводи советодавната комисија на Ватикан за заштита на децата.
Во рамки на посетата, Лав XIV ќе се сретне и со францускиот претседател Емануел Макрон, ќе одржи говор пред дипломатскиот кор, ќе ја посети катедралата Нотр Дам и ќе предводи молитвено бдение со млади на националниот стадион. Франција е четвртата странска дестинација на Папата оваа година, а Ватикан веќе најави дека во ноември ќе отпатува и во Уругвај, Аргентина и Перу.
