Компанијата „Палас ДМТ 2023“ ДООЕЛ од Македонска Каменица реализираше нова донација на техничка опрема за потребите на Здравствената станица и Службата за Итна медицинска помош во Македонска Каменица.
Во рамки на донацијата се обезбедени два инвертер клима уреди, кои ќе бидат поставени во просторијата за интервенции и во невролошката амбуланта, како и еден ладилник наменет за потребите на Службата за Итна медицинска помош.
Опремата му беше предадена на раководителот на установата, специјалист д-р Дарко Петровски, кој во име на вработените изрази благодарност до компанијата за поддршката.
Тој истакна дека донацијата ќе придонесе за подобрување на условите за работа на медицинскиот персонал, но и за поквалитетно и поефикасно обезбедување здравствени услуги за граѓаните.
Од компанијата посочуваат дека и понатаму ќе продолжат да ги поддржуваат институциите во Општина Македонска Каменица преку активности од областа на општествената одговорност.
„Палас ДМТ 2023“ досега реализираше повеќе иницијативи во интерес на локалната заедница, а оваа донација претставува уште еден придонес за унапредување на здравствените услови и поддршка на јавните институции во општината.
