Иран воспостави платен „сигурен премин“ низ стратешки важниот Ормуски теснец, но само за бродови на кои Техеран претходно ќе им издаде дозвола. Со овој потег се воведува нов режим на пловидба во една од клучните точки за светскиот поморски сообраќај.
Според информации, гарантираното безбедно пловење низ теснецот има и своја цена. Се шпекулира дека некои бродови за да добијат гаранција за безбеден транзит плаќале суми што достигнуваат и до два милиони долари.
Засега не се познати детали за тоа кои компании или бродови учествуваат во овој аранжман, ниту пак по кои критериуми се издаваат дозволите.
Овој потег на Иран доаѓа во услови на зголемени тензии во регионот и сериозно нарушен поморски сообраќај, што дополнително ја продлабочува неизвесноста на глобалните енергетски пазари.
Откако започна конфликтот на 28 февруари низ Ормутскиот теснец поминале помалку од 100 брода, најмногу ирански, кинески и индиски, со што дневниот сообраќај е намален за околу 95 проценти.
Пред конфликтот, околу 138 бродови минувале низ теснецот секој ден, најголем дел танкери, затоа што околу 20 отсто од светската нафта поминува тука.
