„Од првиот ден ја презедовме обврската безбедноста да биде највисок приоритет. Изминатите две години се соочивме со бројни безбедносни предизвици, но покажавме дека со посветеност, интегритет и меѓународна соработка, може да се постигнат видливи резултати, рече утрово министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во отчетот за сработеното во изминатите две години.
Тој напомена дека МВР во изминатиов период ги зајакнало институционалните капацитети и ја унапредило борбата против организираниот криминал и корупцијата.
-Инвестиравме во опрема, обуки и нови технологиии. Денешниот отчет не е само изнесување бројки, туку е фактичка потврда за трудот и професионалноста на полициските службеници и сите вработени во МВР. Свесен сум дека пред нас има уште многу работа, безбедноста е процес што бара многу посветеност. Затоа, ќе породолжиме со иста енергија, јасна визија и определба да изградиме современо МВР кое ќе одговори на предизвиците – потенцира Тошковски.
Според него, да се биде припадник на МВР не е само професија, туку чест и одговорност.
-Остануваме секојдневно во служба на граѓаните и државата. Нашата цел е безбедна држава, стабилен систем и силни институции – истакна Тошковски.
