Владата планира финансиска помош за оризопроизводителите со која би се обезбедила поддршка од околу осум денари за секој килограм предадена оризова арпа, најави премиерот Христијан Мицкоски.
Мерката ќе се однесува на периодот од 1 септември 2025 година до 15 септември 2026 година, а според најавите, средствата треба да им помогнат на земјоделците во услови на предизвици со производството и откупот на оризот.
Мицкоски информираше дека дел од парите веќе се обезбедени преку Интервентниот фонд на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, додека остатокот ќе биде обезбеден преку ребалансот на државниот буџет.
Станува збор за околу 100 милиони денари, кои, според премиерот, се очекува да бидат исплатени до крајот на годината, откако ребалансот ќе биде усвоен во Собранието.
„Ова е поддршка која ја подготвуваме за нашите оризопроизводители и очекуваме да им биде од значење во периодот што следи“, посочи Мицкоски.
Тој упати и порака до откупувачите да имаат коректен однос кон земјоделците, предупредувајќи дека секое евентуално шпекулативно однесување од страна на поединци ќе биде санкционирано.
Според премиерот, целта е да се обезбеди стабилност во секторот и подобри услови за производителите на ориз.
