Унгарскиот премиер Виктор Орбан објави дека во наредните денови ќе испрати делегација бизнисмени во Русија, за да се подготват за повоениот период.
Оваа мисија ќе се фокусира на економската соработка и е дел од стратегијата „сега да се размислува за повоениот период и периодот без санкции“, рече Орбан на собир со околу 1.000 луѓе во спортската сала во Кечкемет, во централниот дел на Унгарија.
Орбан, кој е еден од ретките европски лидери блиски и со американскиот претседател Доналд Трамп и со рускиот претседател Владимир Путин, рече дека разговара и со Американците и со Русите, но дека не може да открие детали, пренесе парискиот весник Монд на својата веб-страница.
– Треба да го предвидиме тој период, бидејќи ако Бог ни помогне и војната заврши без ние да бидеме вовлечени во неа, и ако американскиот претседател успее да ја реинтегрира Русија во глобалната економија, а санкциите бидат укинати, ќе се најдеме во сосема поинаков економски простор, додаде унгарскиот премиер.
