Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски сподели дека Општината овозможила бесплатно летување за најуспешните спортисти.
„И оваа година, продолжуваме со успешната пракса на наградување на младите спортски таленти со бесплатно летување како дел од стратегијата за поддршка на спортот и здравиот начин на живот. Победниците во Лигата на училишен спорт, која опфаќа натпревари во кошарка, фудбал, одбојка и ракомет во машка и женска конкуренција, ќе имаат можност да летуваат во Извидничкиот Центар во Охрид, истакна Ѓорѓиевски во својата објава.
Се работи за прваците за учебна 2024/2025 во:
– ракомет – жени ООУ ,,Кузман Шапкарев”;
– ракомет – мажи ООУ ,,Кирил Пејчиновиќ”;
– кошарка ООУ ,,Кузман Ј. Питу”;
– одбојка ООУ ,,Партенија Зографски”;
– фудбал ООУ ,,Кирил Пејчиновиќ”.
„Спортот ги подобрува физичкото и менталното здравје на децата, но создава и другарства, дисциплина и тимски дух. Со обезбедување бесплатно летување не само што ги наградуваме нивниот труд и посветеност, туку и дополнително ја поттикнуваме спортската култура во училиштата, вели Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека ова е дел од нивната стратегија за поддршка на младите и како општина ќе продолжат со мерки што ќе овозможат уште поголема афирмација на спортот и негов развој во нивните училишта.
