Кривичниот суд доцна синоќа му одреди мерка притвор на 76-годишниот косовски државјанин осомничен за тешката сообраќајна несреќа на скопската обиколница, во која загинаа четири лица.
Притворот е определен поради опасност од бегство и можност за повторување на кривичното дело, а претходно ист ваков предлог достави и Основното јавно обвинителство Скопје.
Обвинителството отвори истражна постапка против осомничениот за кривично дело „Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“.
Според првичните сознанија, тој управувал товарно возило „МАН“ со полуприколка и, непочитувајќи ги сообраќајните прописи, го загрозил јавниот сообраќај и безбедноста на учесниците на патот.
Во трагичната несреќа животот го загубија оперскиот баритон и првенец на Националната опера и балет Ристе Велков, неговиот 20-годишен син, како и уште две 20-годишни момчиња.
Надлежните институции продолжуваат со истрагата за утврдување на сите околности под кои се случила несреќата.
