Околу 30.000 граѓани денеска учествуваа во големата акција за расчистување на Скопје, испраќајќи силна порака за заедничка грижа за животната средина и јавниот простор. Во акцијата се вклучија волонтери, градоначалници, претставници на дипломатскиот кор, јавни личности, млади и голем број граѓани од различни делови на градот.
Со заеднички ангажман беа расчистувани паркови, улици, населби и други јавни површини, со цел Скопје да стане почисто, поуредено и попријатно место за живеење.
„Околу 30.000 вредни и посветени луѓе денеска покажаа колкава сила има градот кога се обединува околу заедничкото добро“, порачаа организаторите, нагласувајќи дека ваквите иницијативи придонесуваат за развивање на свеста за заштита на животната средина.
Посебен акцент беше ставен на создавањето трајни навики за одржување на чистотата, со порака дека секоја исчистена површина значи поздраво опкружување, побезбедно место за децата и поквалитетен живот за сите граѓани.
Организаторите ги повикаа жителите да го почитуваат вложениот труд и активно да придонесуваат за зачувување на јавните површини, а најавија дека вакви акции ќе се организираат двапати месечно.
„Чистиот град започнува од секој од нас – од нашата улица, маало и парк. Денешната акција покажа дека кога граѓаните се обединуваат, можат да направат вистинска промена“, порачаа организаторите.
На крајот, тие изразија благодарност до сите волонтери, институции, јавни личности и претставници на дипломатскиот кор кои со своето учество придонесоа за успехот на акцијата.
