Официјална Софија вчера ја потврдила билатералната средба на македонскиот министер за надворешна политика Тимчо Муцунски и неговата колешка Велислава Петрова -Чамова, но за форматот и начинот дополнително ќе известат со дипломатска нота, соопшти премиерот Христијан Мицкоски.
-Нашите пораките се јасни, дека само со дијалог можеме да дојдеме до решение од оваа состојба во којашто во моментот се наоѓаме, дека ние сме за добрососедски односи и ние сакаме што побргу да ја реализираме нашата стратешка цел, да бидеме дел од Европската Унија, нешто што многу одамна го заслуживме – истакна Мицкоски.
Премиерот ја коментираше и најавената реформа на процесот на проширување, а тоа е да нема вето во преговорите за членство, а новите членки да се интегрираат постепено и рече дека таа покажува дека во Унијата е препознаен проблемот со користењето на ветото од страна на одделни земји членки за прашања кои, според него, се надвор од европските критериуми и вредности.
Во однос на најавената постепена интеграција, Мицкоски оцени дека Македонија има „големи шанси“ да биде опфатена со овој процес, но дека ќе треба да бидат исполнети три услови, а Македонија, рече тој, веќе исполнува два, заедничка надворешна и безбедносна политика и завршување на реформата на системот на јавни набавки, додека за првиот услов се очекува Европската комисија да ги достави конкретните барања за реформи кои државата треба да ги направи.
