Најавената блокада на трите гранични премини меѓу Македонија и Бугарија е одложена, соопштија организаторите од Фондацијата „Македонија“.
Одлуката е донесена по реакциите од бугарските институции, кои оценија дека ваквата акција не придонесува за решавање на отворените прашања меѓу двете земји и може дополнително да ги зголеми тензиите.
Според најавите, протестот требаше да се одржи на граничните премини Деве Баир, Делчево и Ново Село и да трае два часа како симболичен протест поврзан со положбата на Бугарите во Македонија.
Бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова истакна дека ваквите иницијативи не се дел од политиките на бугарската Влада и не придонесуваат за заштита на националните интереси.
Сличен став изрази и бугарскиот амбасадор во Скопје, Жељазко Радуков, кој повика несогласувањата меѓу двете држави да се решаваат преку дијалог и дипломатски механизми, а не преку блокади на граничните премини.
Иако протестот е одложен, прашањата поврзани со билатералните односи, европската интеграција и правата на Бугарите во Македонија остануваат во фокусот на односите меѓу Скопје и Софија.
