Со стручни и научни трибини на Филолошкиот факултет „Блаже Конески”, на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков”, како и на ФИНКИ, но и со седница на собраниската Комисија за култура и туризам денеска се одбележа 5 Мај – Денот на македонскиот јазик и воедно јубилејот 80 години од излегувањето од печат на првата граматика на македонски јазик „Македонска граматика” од Круме Кепески.
Денот на македонскиот јазик 5 Мај се одбележува официјално од 2019 година, во чест на Решението на Народната влада на Федерална Македонија од 1945 за усвојување на азбуката на македонскиот јазик како официјално писмо, откако на заседанието на АСНОМ во 1944 македонскиот е прогласен за официјален јазик во целата република.
Македонскиот јазик е кодифициран и стандардизиран и со озаконувањето на првиот правопис, на 7 јуни 1945.
