Американското Министерство за одбрана побара од одбранбената индустрија значително да го забрза производството на оружје за да ги надополни намалените залихи на муниција и ракетни системи. Од Пентагон соопштија дека приоритет е обезбедување доволно оружје за американската војска во услови на зголемени безбедносни закани.
Заменик-министерот за одбрана Стив Фајнберг им даде рок од 21 ден на производителите да достават планови за побрза испорака и проширување на производствените капацитети. Во дописот се наведува дека повеќегодишните циклуси на развој повеќе не се прифатливи и дека е неопходно итно забрзување на производството.
Анализа на Центарот за стратешки и меѓународни студии предупредува дека конфликтот со Иран сериозно ги намалил залихите на пресретнувачи за системите „Патриот“ и THAAD, што може да ја намали способноста за воздушна одбрана. Според проценките, бројот на пресретнувачи за системот „Патриот“ е намален за повеќе од 60 проценти во споредба со периодот пред почетокот на конфликтот.
Претседателот Доналд Трамп, пак, ги отфрли тврдењата за недостиг на муниција, наведувајќи дека САД располагаат со големи резерви и дека производството постојано се зголемува. Во меѓувреме, предложениот закон за зголемување на буџетот на Пентагон останува блокиран во Конгресот поради несогласувања околу американската воена политика кон Иран.
