„Случајот со Артан Груби се одолговлекува, додека граѓаните чекаат одговор. Човекот кој со години беше живата архива на ДУИ, човекот што знае каде се потписите, договорите, пазарите и аферите на старата власт, сè уште не се соочува со институционален епилог“, соопштија денеска од Вреди и додаваат: „Артан Груби, заедно со бегалецот Перпарим Бајрами, се сомничи за злоупотреби во вредност од 8 милиони евра во случајот „Државна лотарија“. Ова, како што додаваат од партијата, не е обичен предмет, туку едно од најтешките досиеја на системот на ДУИ, каде што политиката, бизнисот, лотаријата и власта биле измешани за приватни интереси.
Од партијата прашуваат кој го одолговлекува овој случај? Кој има интерес Артан Груби да молчи? Кој се плаши од тоа што може да открие архивата на ДУИ“.
Во овој случај, како што посочуваат од Вреди, не може да се заобиколи ниту името на Ислам Абази.
„Денес, кога случајот „Груби“ се движи со полжави чекори, граѓаните имаат право да прашаат дали ова е случајност или дел од мрежа што произведува заштита, молк и недопирливост. „Вреди“ бара одговор и дејствување. Случајот „Груби“ не смее да заврши во фиока. Не смее да се претвори во нов пазар на политичкото подземје, бидејќи секое одолговлекување на правдата ја нарушува довербата на граѓаните и европскиот пат на државата“, категорични се од Вреди.
