По повод Европскиот ден на донирањето органи, ткива и клетки 2026, вечерва, како и претходната вечер, повеќе јавни објекти и институции низ Македонија ќе бидат осветлени во зелена боја, испраќајќи порака за надеж, солидарност и спасување животи преку органодарителството.
Во иницијативата се вклучија голем број општини и институции од различни градови во државата, кои со симболичното осветлување даваат поддршка на донирањето органи и развојот на трансплантацијата.
Од Министерството за здравство упатија благодарност до сите што се приклучија на акцијата, истакнувајќи дека зелената светлина претставува симбол на хуманоста и можноста да се подари нова шанса за живот.
„Секој донор е надеж. Секое ‘да’ е нов живот. Да ја шириме свесноста, да поттикнуваме хуманост и да даваме надеж за нов живот“, порачаа од Министерството за здравство.
Со оваа иницијатива се одбележува Европскиот ден на донирањето органи, ткива и клетки, чија цел е да се подигне јавната свест за значењето на органодарителството и да се охрабрат граѓаните да ја поддржат оваа хумана мисија.
