Министерството за образование и наука ги објави конечните ранг-листи на примени студенти на додипломски студии за сместување во студентските домови за академската 2026/2027 година.
Резултатите се достапни на официјалната веб-страница на Министерството за образование и наука, каде студентите можат да проверат дали се примени и во кој студентски дом се распределени.
Поради ограничениот број на места во Државниот студентски дом „Гоце Делчев“ во Скопје, дел од студентите кои конкурирале за сместување во овој дом ќе бидат прераспределени во објектите на ДСД „Стив Наумов“, без разлика дали при аплицирањето навеле алтернативен избор.
Слична постапка е применета и за дел од студентите кои конкурирале за ДСД „Браќа Миладиновци“ во Штип. Поради пополнетите капацитети, тие ќе бидат сместени во приватните студентски домови „Логос“ и „Хилјадников“, согласно алтернативите што ги навеле во пријавата.
Министерството ги објави посебните списоци за сите студентски домови и прераспределените кандидати, меѓу кои се:
ДСД „Стив Наумов“ – згради (Скопје)
ДСД „Стив Наумов“ – бараки (Скопје)
ДСД „Гоце Делчев“ – Скопје
Прераспределени студенти од „Гоце Делчев“ во ДСД „Стив Наумов“
ДСД „Браќа Миладиновци“ – Штип
ДСД „Кочо Рацин“ – Битола
ДСД „Никола Карев“ – Охрид
ДСД Тетово – Тетово
Приватните студентски домови „Логос“ и „Хилјадников“ во Штип, како и листите на прераспределени студенти.
Од Министерството ги повикуваат студентите навремено да ги проверат резултатите и да ги следат понатамошните насоки и рокови поврзани со процесот на сместување.
