Поранешниот британски амбасадор во САД и член на Домот на Лордовите, Питер Менделсон е пуштен со кауција неколку часа откако беше уапсен под сомнение за злоупотреба на службена положба, соопшти лондонската полиција.
Метрополитен полицијата потврди дека 72-годишникот е ослободен до завршување на истрагата.
Менделсон бил уапсен на адреса во Камден, северен Лондон, и однесен на распит во полициска станица. Истрагата е покрената поради сомнеж дека додека бил министер во британската влада, оддавал пазарно чувствителни информации на починатиот осуден сексуален престапник Епстин.
Менделсон, кој последните недели јавно не се огласуваше за случајот, смета дека не сторил кривично дело и дека не бил мотивиран од финансиска корист.
Обвинувањата против него произлегуваат од документи што минатиот месец ги објави САД, меѓу кои и преписка по електронска пошта меѓу Менделсон и Епстин. Во една порака од 2009 година, наводно се споменуваат доверливи информации за политички мерки, вклучително и план за продажба на имот, данок на банкарски бонуси и пакет помош за еврото, ден пред неговото официјално објавување во 2010 година.
Иако е ослободен со кауција, истрагата против него продолжува.
