Швајцарскиот репрезентативец Винсли Ботели со големи очекувања го дочека првиот повик во А-селекцијата, во пресрет на стартот на Лигата на нации и дуелот против Македонија во Скопје.
20-годишниот напаѓач на Сион за првпат се најде на списокот на селекторот Мурат Јакин, а пред дебито во националниот дрес истакна дека е подготвен да го покаже својот потенцијал.
Посебна мотивација за Ботели претставува повторната средба со Јохан Манзамби, со кого заедно растел во Женева и посетувале исто училиште.
„Манзамби и јас ќе бидеме супер-дуо“, порача младиот напаѓач, кој има одличен старт на сезоната. Во 14 официјални натпревари постигна 12 голови и запиша пет асистенции.
Ботели има и државјанство на Демократска Република Конго, но неодамна донесе одлука да настапува за Швајцарија. Неговата амбиција е еден ден да се најде на врвот на листата на најдобри стрелци во историјата на швајцарската репрезентација, каде моментално води Алекс Фрај.
Швајцарија во Лигата на нации ќе се соочи и со Шкотска и Словенија, а првиот натпревар против Македонија ќе го одигра на 26 септември во Скопје.
