Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ги претстави новите законски решенија за рударството и геологијата на јавна расправа во Стопанската комора, со кои се предвидува модернизација на секторот, усогласување со европските стандарди и поодговорно управување со природните ресурси.
Од Министерството посочуваат дека новите закони треба да обезбедат поголема правна сигурност за компаниите, поефикасни административни постапки, поттикнување на инвестициите и посилни механизми за заштита на животната средина.
Решенијата биле изработени преку консултации со засегнатите страни, објавени на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), а биле предмет и на меѓународна експертска ревизија.
Со новиот Закон за геологија, како што информираат од МЕРМС, се воспоставува системска рамка за геолошки истражувања и управување со геолошките податоци. Дел од реформите е и воведувањето на Македонскиот рударско-геолошки информативен систем (МакРГИС), кој треба да овозможи дигитализација и полесен пристап до релевантните информации.
Новиот Закон за рударство предвидува спроведување на Стратегијата за минерални суровини, поддршка на стратешки проекти и усогласување со европските политики за критични суровини.
Особено внимание во новите правила е посветено на заштитата на животната средина. Предвидено е воведување обврска за обезбедување 100 проценти финансиски гаранции за санација и рекултивација, со што треба да се обезбеди покривање на трошоците за обновување на просторот по завршувањето на експлоатацијата.
Дополнително, законите воведуваат современи правила за управување со рударски отпад, задолжителни планови за затворање на рудници и рекултивација, како и мерки за санација на историски деградирани рударски подрачја.
На јавната расправа се обрати и државниот секретар во МЕРМС, Горан Јовановски, кој оцени дека новите законски решенија претставуваат чекор кон создавање современа и функционална рамка за развој на рударско-геолошкиот сектор.
„Нашата цел е да воспоставиме законска рамка што ќе обезбеди правна сигурност за стопанските субјекти, ќе ги поттикне инвестициите и ќе овозможи одговорно управување со минералните суровини. Преку современи правила, дигитализација и зајакнати механизми за заштита на животната средина создаваме услови за одржлив развој на секторот“, истакна Јовановски.
На расправата беше нагласена и важноста на соработката со стопанството во спроведувањето на реформите, со цел создавање попредвидлива деловна средина и развој на модерен и одржлив рударско-геолошки сектор.
