Собранието ги избра осумте нови министри предложени во рамки на владината реконструкција. За нивниот избор гласаа 69 пратеници од владејачкото мнозинство, откако пратениците од опозицијата ја напуштија седницата поради навредите што, според нив, ги упатил Иван Стоилковиќ, новиот министер за локална самоуправа.
За нов министер за здравство е избран Сашо Клековски, додека Ѓоко Велковски ќе раководи со Министерството за социјална политика, демографија и млади. Коалицијата „Вреди“ ги доби ресорите правда, култура и туризам, како и Министерството за односи меѓу заедниците, со кои ќе раководат: Јетон Шасивари, Седат Сулејмани и Агон Ферати. Борче Серафимовски од ЗНАМ е нов министер за земјоделство, министер без ресор задолжен за интеграција на Ромите е Ерџан Демир.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека новите министри ќе донесат нова енергија и побрзо темпо на работа, извинувајќи се за инцидентите на седницата. Опозициските партии оценија дека реконструкцијата е признание за неуспехот на Владата, додека Левица и независни пратеници упатија критики за новата распределба на ресорите и политичките договори.
