Се подготвуваат значајни измени на законската рамка за заштита на животните, со кои се предвидуваат построги правила за сопствениците и повисоки казни за злоупотреба и занемарување. Предлог-решението го изработува Агенција за храна и ветеринарство во координација со институции и здруженија, но засега нема официјална потврда дали е доставено до Министерство за земјоделство.
Според предложените измени, непочитувањето на правилата за чување и движење на кучиња ќе се казнува со околу 400 евра, додека за потешки прекршоци – како нанесување болка, сурово постапување или убивање животни – се предвидуваат санкции до 5.000 евра.
Една од клучните новини е воведување трајна забрана за чување миленици за лица кои ќе ги напуштат. Дополнително, се ограничува неконтролираното размножување и се забранува продажба или подарување животни надвор од регулирани услови.
Законот предвидува и забрана за постојано држење кучиња врзани или затворени без секојдневно движење, како и укинување на практиките на усмртување животни за ритуални цели.
Во делот на контролата на популацијата, се воведува задолжителна стерилизација на домашните кучиња и строги правила за одгледувачите. Секое легло ќе мора да биде евидентирано кај ветеринар, со ограничување од најмногу едно легло годишно по животно.
Предвидено е и формирање центри за згрижување и вдомување на бездомни животни, како и воспоставување регистар за пансиони, продавници и одгледувачници, со засилен инспекциски надзор.
Иако од надлежните велат дека предлогот е испратен уште на почетокот на април, од ресорното министерство засега нема потврда. Во меѓувреме, се најавуваат јавни презентации низ државата за вклучување на јавноста во процесот.

