Светската здравствена организација предупреди дека над Атлантикот веќе се формира нов силен топлотен бран, кој оваа недела ќе донесе температури до 43 степени во Португалија и јужна Шпанија. Регионалниот директор на СЗО за Европа, Ханс Анри П. Клуге, изјави дека Франција и земјите од Бенелукс веќе се подготвуваат за нов удар на екстремните горештини, додека делови од Централна Азија веќе бележат температури над 40 степени.
Поради сериозноста на состојбата, СЗО организираше вонреден состанок со претставници на 41 европска држава, Европската комисија и невладини организации. Клуге нагласи дека националните планови за справување со топлотни бранови спасуваат животи, но предупреди дека помалку од половина европски земји воопшто имаат вакви стратегии. Според него, многу граѓани и понатаму не ја сфаќаат опасноста од екстремните горештини, дури ни кога е прогласен највисок степен на тревога. Дополнителен проблем претставуваат недостигот од климатизирани јавни засолништа и бавните административни процедури кои го одложуваат навременото реагирање.
СЗО предупредува дека најранливи остануваат постарите лица, бездомниците и социјално изолираните граѓани, кои често не добиваат соодветна помош. Истовремено, организацијата ја поздрави подобрената координација меѓу здравствените институции, службите за итни случаи и надлежните министерства. Клуге порача дека екстремната жештина мора да се третира како закана за здравствената безбедност, а не само како временска појава.
СЗО ќе ги сумира искуствата од досегашните топлотни бранови и ќе им обезбеди техничка поддршка на сите земји што сакаат да ги зајакнат своите системи. Според организацијата, покрај итните мерки за претстојниот топлотен бран, Европа мора долгорочно да изгради поотпорни здравствени системи за справување со сè почестите екстремни горештини.
