Шумски пожар избувна утрово во областа Маратијас на грчкиот остров Закинтос, по што веднаш е активирана противпожарна операција за ставање на огнот под контрола.
Според Грчката противпожарна служба, на терен се распоредени 22 пожарникари, кои во гаснењето имаат поддршка од воздухопловни средства и локални волонтери.
Во интервенцијата е вклучена и пешадиска група од 17-та единица за специјални операции за шумски пожари, додека локалните волонтери и службите на општината дополнително помагаат во акцијата.
На терен се ангажирани осум противпожарни возила, два авиони и еден хеликоптер. Во гаснењето се користат и цистерни на локалната самоуправа.
Надлежните служби упатија итен апел до граѓаните кои се наоѓаат во загрозеното подрачје да бидат особено внимателни и подготвени за евентуални дополнителни инструкции. Од нив се бара строго да ги следат упатствата на противпожарните и другите надлежни служби.
Пожарот на Закинтос избувнува во период кога повеќе делови од Грција се соочуваат со зголемен ризик од шумски пожари. Во Атика и уште шест грчки региони е прогласен црвен аларм поради опасноста од избувнување и брзо ширење на огнот.
Властите во земјата се во висока состојба на подготвеност, особено поради временските услови кои во голем дел од Грција создаваат поволни услови за појава и ширење на шумски пожари.
