Нов пожар избувна во близина на Струмица, додека надлежните институции продолжуваат со борбата против повеќе активни огнени жаришта низ Македонија.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, информира дека големиот мариовски пожар е ставен под контрола и дека останува активен само кракот кон селото Бонче.
Во прилепскиот регион и понатаму се активни пожари во атарите на селата Мажучиште, Коњари и Бонче. За пожарот кај Бонче е наведено дека е дел од поголемото мариовско жариште.
„Добра вест е што мариовскиот пожар е речиси целосно изгаснат и останува активен само кракот кон Бонче. Утрово таму ги упативме тимовите за брз одговор на ДЗС“, изјави Ангелов.
Најкритична е состојбата во струмичкиот регион, каде пожарот во атарите на селата Баница и Водоча се приближил до куќите. Според Ангелов, нема изгорени станбени објекти, освен една помошна просторија, а една постара жена која одбивала евакуација била изнесена од викендицата.
Поради сериозноста на пожарот, побарана е помош од противпожарните екипи од Валандово и Радовиш.
Активен пожар има и во Општина Студеничани, каде огнот се движи кон планинското село Цветово и претставува опасност за објект во кој најверојатно има трло.
Пожар гори и во тетовското село Церово во Општина Желино. Според Ангелов, зафатени се неквалитетна шума, грмушки и трње, но постои ризик огнот да ги загрози лозовите насади во регионот.
Нови пожари се регистрирани и во кичевското село Тајмиште, кај селото Ломница во Општина Врапчиште, како и во Општина Маврово и Ростуше, каде интервенираат пожарникари, припадници на ДЗС и локално население.
Според последните информации од Дирекцијата за заштита и спасување, низ државата во моментов има најмалку 20 пожари на отворен простор, од кои најмалку 11 се активни.
