На мостот „Естакада“ во општина Гази Баба се одвива ноќно асфалтирање во рамки на санацијата на една од најзначајните сообраќајни врски во овој дел од Скопје.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека работите се изведуваат во вечерните часови со цел да се намалат сообраќајните застои и да се избегнат дополнителни гужви во текот на денот.
„Ваквата практика ќе продолжи секаде каде што дозволуваат условите, затоа што времето на граѓаните заслужува почит, а нивното секојдневие мора да биде дел од секој наш план за работа“, наведе Ѓорѓиевски.
Со санацијата се опфатени пристапните рампи на мостот со вкупна површина од 10.000 квадратни метри. Од нив, 3.800 квадратни метри се целосно обработени со гребење и поставување два нови слоја асфалт, додека на самиот мост се нанесува нов асфалтен слој.
Вкупната должина на коловозот што се реконструира изнесува 1,5 километри. Во рамки на проектот се поставуваат и нови рабници и тротоари, се бојадисува заштитната пешачка ограда и се поставуваат нови капаци за шахтите.
Според Ѓорѓиевски, санацијата е одговор на долгогодишните барања на жителите, имајќи предвид дека „Естакада“ претставува еден од најкористените излези од Скопје, кој го користат голем број граѓани за патување до работа, училиште и секојдневни обврски.
„Зад секој саниран метар стои конкретна придобивка – побезбедно патување, подобра поврзаност и поквалитетно секојдневие за илјадници граѓани“, порача градоначалникот.
Тој најави дека ќе продолжат активностите за санација на мостовите во градот каде што има потреба, со приоритет на безбедноста на сите учесници во сообраќајот.
