Министерот за транспорт и врски и вицепремиер Александар Николоски денеска изврши увид во градежните активности на автопатот Кичево – Охрид, каде кај селото Ботун се спроведува специјална технологија за стабилизација на земјиштето.
Заедно со директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски, Николоски ги разгледа работите на косините, истакнувајќи дека токму овој дел од трасата претставува еден од најголемите инженерски предизвици на проектот.
Според него, под земјата се изведува цврста конструкција која треба трајно да ја стабилизира основата на автопатот и да овозможи безбедно продолжување на изградбата.
Николоски објасни дека теренот кај Ботун е специфичен поради нестабилната графитна почва и големото присуство на подземни води, што дополнително ја усложнува изградбата.
„Има работи што можеме да ги направиме и работи што не можеме да ги смениме. Она што не можеме да го смениме е земјата. Ова е црна графитна почва, која е една од најнестабилните, а кога ќе се спои со водата, практично станува каша и ја губи стабилноста“, изјави Николоски.
Тој посочи дека уште во 2024 година биле ангажирани домашни професори и експерти, кои во соработка со меѓународни стручњаци и инженерите од компанијата „Синохидро“ работеле на изнаоѓање соодветно решение.
Министерот нагласи дека применетата технологија ќе остане под површината на автопатот, поради што јавноста нема да може да ја види по завршувањето на работите, но токму затоа сакале навреме да ја презентираат.
