Денеска низ Македонија ќе преовладува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, а на повеќе места се очекува нестабилно време со поројни врнежи, грмежи и засилен ветер, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Утринските температури ќе се движат од 9 до 15 степени, додека дневните ќе бидат во интервал од 17 до 21 степен.
Во Скопје ќе биде променливо облачно со повремен дожд. Во одделни делови од котлината се очекува нестабилност со поројни врнежи, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе изнесува околу 15 степени, а максималната ќе достигне до 19 степени.
Според прогнозата на УХМР, под влијание на циклонска активност нестабилното време ќе се задржи до вторник. На места се очекуваат пообилни врнежи од над 20 литри на квадратен метар, особено во текот на денешниот ден, а локално се можни и временски непогоди со силен дожд, грмежи и засилен ветер.
Од понеделник ќе дува засилен северен ветер со брзина до 60 километри на час, додека во вторник, со продор на постудена воздушна маса, на повисоките планини дождот ќе преминува во снег.
