Голема полициска акција по налог на Обвинителството доцна синоќа, со претреси во фабриката „Алфафарм Груп” во Скопје, но и на локации во струмичко.
Неофицијално биле запленети рекордни 27 тони медицински канабис.
Пред неколку дена Обвинителството отвори истрага, откако српските власти запленија пет тони марихуана за која беше посочено дека потекнува од истата фабрика во Скопје која имала лиценца за производство на канабис во медицински цели.
Премиерот Христијан Мицкоски синоќа изјави дека случајот е исклучително сериозен и најави дека во наредните денови МВР ќе објави информации за десетици тони дрога кои незаконски биле пуштани во промет или складирани.
Бизнисот со одгледување канабис за медицински цели стана легален во Македонија од 2016 година, а првата фабрика почна со работа во мај 2017 година.
