Дивите животни не се само дел од природниот баланс, туку имаат активна улога и во процесите што влијаат врз климатските промени, покажува ново научно истражување објавено во списанието „Глобал чејнџ бајолеџи“ (Global Change Biology).
Истражувањето се надоврзува на „Научниот консензус за диви животни и климата“, иницијатива започната во јуни годинава, која ја нагласува важноста на дивиот свет во ублажувањето на последиците од климатската криза. Документот досега го поддржале повеќе од 350 научници од целиот свет.
Студијата „Дивите животни и климата“ е изработена од 13 научници, кои се дел од иницијативата, а нејзиното објавување доаѓа во пресрет на Климатската конференција на ОН (COP31), каде што се очекува дополнително да се разговара за улогата на природните системи во справувањето со климатските промени.
Авторите објаснуваат дека дивите животни преку своето секојдневно однесување влијаат врз функционирањето на екосистемите, а со тоа и врз процесите поврзани со складирањето јаглерод.
Како пример е наведениот дугонгот, морски цицач кој придонесува за ширење на семето и кружење на хранливите материи во морските ливади со трева. Овие екосистеми се меѓу значајните природни механизми за складирање јаглерод.
Научниците ги посочуваат и азиските тигри, кои преку контролирање на бројноста на тревопасните животни влијаат врз состојбата на шумите и нивната способност да задржуваат јаглерод.
Според истражувањето, зачувувањето на дивите животни не е важно само за биолошката разновидност, туку и за стабилноста на климатскиот систем. Токму затоа научната заедница повикува нивната улога да биде земена предвид при креирањето идни климатски политики.
Целта на иницијативата е заштитата на дивиот свет и неговиот придонес во борбата против климатските промени да добијат поголемо значење во глобалните стратегии за справување со климатската криза.
