Високи претставници на НАТО го предупредиле украинскиот претседател Володимир Зеленски дека влошувањето на односите со американскиот претседател Доналд Трамп би можело да има сериозни последици врз идните испораки на американско оружје за Украина.
Според „Блумберг“, кој се повикува на извори во Алијансата, во НАТО постои загриженост дека односите меѓу Зеленски и Трамп можеби веќе достигнале точка од која тешко ќе можат да се обноват.
Еден од соговорниците на агенцијата изјавил дека претставниците на НАТО ја повикале украинската страна да направи напори за намалување на тензиите со Вашингтон.
„Доколку Зеленски не го стори тоа, имајќи ја предвид непредвидливоста на Трамп, би можеле да бидат доведени во прашање и испораките на американско оружје, кои во голем дел ги финансираат европските држави преку програмата PURL“, навел изворот.
Според истите информации, европските сојузници во моментов зад затворени врати работат на подобрување на комуникацијата и односите со администрацијата на Трамп.
Друг извор за „Блумберг“ изјавил дека засега не се планирани нови посети на европски претставници во Вашингтон, иако такви дипломатски мисии биле организирани за време на претходните несогласувања меѓу Зеленски и Трамп.
Засега нема официјална реакција од НАТО, Белата куќа или од украинските власти во врска со информациите објавени од американската агенција.
