Антивладините протести во Албанија синоќа прераснаа во насилни судири меѓу демонстрантите и полицијата. Полицијата употреби солзавец, бибер-спреј и воден топ откако дел од демонстрантите фрлаа камења, јајца и други предмети кон безбедносните сили.
Во судирите се повредени 12 полицајци, а приведени се 18 демонстранти. Протестите, познати како „револуција на фламинго“, започнаа поради плановите за изградба на луксузен туристички комплекс поврзан со Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп. Иако првично беа насочени против проектот што, според активистите, ќе ја загрози животната средина, протестите прераснаа во пошироко незадоволство против владата на премиерот Еди Рама.
Демонстрантите пред парламентот во Тирана побараа оставка од Рама и скандираа дека треба да заврши во затвор. Владата тврди дека проектот ќе го поттикне развојот на луксузниот туризам и ќе придонесе за економскиот напредок на земјата, но критичарите предупредуваат на сериозни еколошки последици. Министерот за внатрешни работи Бесфорт Ламалари го осуди насилството врз полицијата, оценувајќи дека нападите врз полициските службеници претставуваат напад врз државата.
