Утрово низ државата беа измерени ниски температури, при што најстудено беше на Попова Шапка со само 1 степен Целзиусови. Во Берово, Крушево, Маврови Анови и Лазарополе минималната температура изнесуваше 4 степени, додека 6 степени беа измерени во Претор. Крива Паланка се разбуди на 7 степени, а Скопје-Петровец, Тетово, Охрид, Битола и Прилеп забележаа 8 степени.
Температура од 9 степени беше измерена во Скопје–Зајчев Рид, Штип, Виница, Демир Капија, Кавадарци и Струмица. Во Велес минималната достигна 10 степени, а највисоката утринска температура од 11 степени беше забележана во Гевгелија.
Во изминатите 24 часа, до 7 часот утринава, најмногу врнежи се регистрирани во Маврови Анови – дури 30 литри на квадратен метар. Следуваат Демир Капија со 24 литри и Битола и Крушево со по 20 литри. Во Гевгелија паднале 18 литри, во Кавадарци 14, а во Пожаране 12 литри дожд.
Скопје–Петровец, Претор и Велес измериле по 10 литри на квадратен метар, Лазарополе 9, а Скопје–Зајчев Рид, Тетово и Прилеп по 8. Помали количества врнежи се забележани во Тополчани (6 l/m²), Пожар–Радовиш (5), Берово (3), Охрид, Штип и Струмица (по 2) и Виница и Ѓуриште (по 1 литар).
Според прогнозата, денеска претпладне ќе биде облачно со повремен локален дожд. Попладне врнежите ќе престанат, а облачноста постепено ќе се намалува. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, кој долж Повардарието повремено ќе засилува. Максималната температура ќе се движи меѓу 9 и 13 степени.
Во Скопје се очекува облачно време со утрински слаб дожд. Ветерот од северен правец ќе биде слаб до умерен, а поизразен во делови од котлината. Максималната температура во главниот град ќе достигне до 12 степени.
