Најмалку осум лица загинаа, а 34 се повредени во масовен руски напад со ракети и дронови врз Киев и неговата околина. Нападот бил извршен само неколку часа откако украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека се подготвува нов голем удар врз главниот град.
Според украинските власти, седум лица загинале во Киев, а уште едно во Киевската област. Делумно е урната станбена зграда во населбата Подилски, а оштетени се и повеќе станбени и деловни објекти во Подилски и Дарницки. Материјална штета е регистрирана и во областите Холосиевски, Буча, Вишгород и Бровари.
Првите експлозии одекнале околу 1:40 часот, по што следувале уште неколку бранови ракетни напади. Илјадници жители побарале засолниште во метро-станиците, а во делови од предградијата имало прекини во снабдувањето со електрична енергија. Поради нападите, воздушна тревога беше активирана во речиси цела Украина, додека Полска ги подигна своите борбени авиони за заштита на воздушниот простор.
Според украинските воздухопловни сили, кон Киев биле лансирани десетици проектили. Спасувачките екипи продолжуваат со расчистување на урнатините и потрага по евентуални преживеани. Украинските власти предупредуваат дека постои опасност од нови руски напади во наредните денови. Нападот дополнително ја влоши безбедносната состојба во украинската престолнина и околните населби.
