Најмалку 20 лица се повредени за време на синоќешните протести пред Собранието и владините згради во Приштина, каде што демонстрантите и полицијата влегоа во директен судир.
Меѓу повредените се шест полициски службеници, додека дел од граѓаните побарале медицинска помош по немирите. За време на интервенцијата полицијата употребила солзавец и водни топови, откако демонстрантите фрлале камења и пиротехнички средства и палеле контејнери.
Протестите беа организирани со барање за итно усвојување на измените на законот поврзан со Специјализираните совети во Хаг, по пресудите против поранешни припадници на ОВК.
Иако пратениците ги изгласаа измените во прво читање, засега не е постигнат договор за продолжување на постапката и гласање во второ читање.
Организаторите најавија дека протестите ќе продолжат и денеска. Платформата „Не во мое име“ повика на нов собир напладне на плоштадот „Скендербег“ во Приштина, со барање измените на законот да бидат усвоени во Собранието на Косово.
Во исто време, организацијата на воени ветерани на ОВК организира протест кој започна утрово во 9 часот.
Според приштинските медиуми, во моментов нема зголемено полициско присуство пред владините згради и Собранието, но припадници на специјалните полициски единици биле забележани во објектите на институциите.
