Ученици од скопското училиште „Димо Хаџи Димов” вчера се пожалија на стомачни болки и повраќање по ручекот во училишната менза. Ова повторно ги отвора прашањата: Каква храна јадат учениците? Дали се задоволени хигиенските услови? Кој ја обезбедува храната? Има и многу други прашања, но сепак најглавното е: Дали нашите деца на кои училиштето им е како втор дом се безбедни?
Минатата недела Агенцијата за храна и ветеринарство ги „чешлаше” сендвичарите и бурекџилниците во непосредна близина на училиштата. Кај многу субјекти беше откриено продавање на небезбедна храна, незадоволителни хигиенски услови, а некои воопшто не биле регистрирани како оператори со храна, ниту пак вработените имале спроведено задолжителен здравствено-саниратен преглед.
Ова е многу загрижувачко! Оти и во минатото имавме слични случаи. Пред две години, три училишта во општина Карпош беа приморани да ги затворат кујните по случај на труење со салмонела.
Проблемот не е само во исхраната на учениците, туку и со тоа кој ги контролира мензите, како се прават тендерите, кој се има пристап до подготовка на храна. И додека чекаме институциите да реагираат, родителите со право се прашуваат: Дали следниот училишен оброк на моето дете ќе биде безбеден?
