Дури 1.822 вработени во јавните здравствени установи низ државата поднеле тужби против своите работодавачи, а вкупната вредност на побарувањата достигнува 134,6 милиони денари или околу 2,18 милиони евра. Тужби се евидентирани во 62 од вкупно 108 јавни здравствени установи, покажуваат податоците презентирани од Фондот за здравствено осигурување.
Директорот на ФЗО, Сашо Клековски, појасни дека најголем дел од тужбите се однесуваат на неисплатени додатоци на плата, меѓу кои прекувремена работа, ноќни смени, работа во недела и празници, бонус-плата и јубилејни награди.
Најголем финансиски износ на тужбени барања е регистриран во Клиничката болница во Битола, каде што побарувањата достигнуваат 16,8 милиони денари, додека најголем број тужители има во Општата болница во Куманово – вкупно 317 вработени.
Од ФЗО предупредуваат дека конечниот финансиски товар може да биде значително поголем, бидејќи голем дел од постапките сè уште не се завршени. Дополнително, се најавуваат и нови тужби, при што само во Здравствениот дом во Кратово се очекуваат околу 65 нови случаи во текот на годинава.
Фондот презентираше и анализа на платите во јавниот здравствен сектор, која опфаќа 18.872 вработени. Просечната нето-плата изнесувала 50.039 денари, додека основната нето-плата била 37.660 денари.
Најголем удел на додатоци во платата е забележан кај установите со непрекинат 24-часовен режим на работа, меѓу кои се Универзитетската клиника за државна кардиохирургија, Клиничката болница во Штип и Институтот за радиологија.
Клековски информираше дека Министерството за здравство формирало работна група со претставници од институциите и синдикатите, чија цел е појаснување на правилата за исплата на додатоците и спречување на идни судски спорови.
Како приоритетни мерки беа посочени навремена исплата на обврските, подобар надзор врз исплатата на додатоците, формирање централен регистар за судски предмети и зајакнување на правните служби во здравствените установи.
Воедно беше нагласено дека и понатаму постои сериозен недостиг на анестезиолози во јавниот здравствен систем, додека бројот на вработени во здравството годинава се очекува да надмине 19.000 лица.
