Вкупно 1.883 барања за биомедицински потпомогнато оплодување се поднесени и разгледани во Фондот за здравствено осигурување во периодот од август минатата година до денес, покажуваат официјалните податоци на институцијата. Најголемата новина е што 237 барања се однесуваат на четврти, петти или шести обид, право што претходно не беше овозможено на товар на државниот фонд.
Според податоците, речиси 13 проценти од сите семејства кои аплицирале во овој период ја искористиле мерката со која максималниот број финансирани обиди е зголемен од три на шест. Од нив, 216 брачни парови побарале финансирање за четврти обид, 17 за петти, а четири семејства добиле одобрение за шести обид.
Покрај проширувањето на правото, Фондот воведе и поедноставена административна постапка. Известувањето за одобрено право се доставува електронски, а рокот за поднесување приговор е продолжен од осум на 15 дена.
Осигурениците повеќе немаат обврска да обезбедуваат дополнителен упат од матичен гинеколог, туку услугите ги остваруваат директно врз основа на известувањето од Фондот. Постапките се реализираат во осум здравствени установи со кои Фондот има склучено договори.
Финансиските трошоци за ин витро оплодување честопати претставуваа главна причина поради која многу парови се откажуваа по првите три неуспешни обиди. Во текот на изминатата година, Фондот обезбедил повеќе од 97,3 милиони денари за финансирање на овие постапки, со што значително го намалил товарот врз семејните буџети.
„Во услови на сериозни демографски предизвици и намален наталитет, здравствениот систем мора да обезбеди финансиската пречка да не биде причина едно семејство да се откаже од обидот за потомство“, порачуваат од Фондот за здравствено осигурување.
Од институцијата посочуваат дека следен приоритет е обезбедување стабилно финансирање на договорите со здравствените установи, како и дополнително скратување на роковите за обработка на барањата.
