ВМРО-ДПМНЕ синоќа во Струмица го одбележа 36-годишниот јубилеј од основањето на партијата, на свечен настан на кој присуствуваа членови, симпатизери и поддржувачи.
Пред присутните се обрати претседателот на партијата и премиер Христијан Мицкоски, кој испрати повеќе политички пораки и најави промени во владиниот тим, со почеток на реконструкција на Владата во претстојниот период.
Мицкоски нагласи дека дел од носителите на јавни функции се оддалечиле од граѓаните, посочувајќи дека „фотелјите им станале поблиски од народот“, како и дека постојат поплаки за недостапност на дел од министрите и директорите.
Тој додаде дека дел од функционерите ги запоставиле обврските на сметка на приватни активности, нагласувајќи дека такви појави нема да бидат толерирани.
Во својот говор, Мицкоски се осврна и на периодот кога партијата била во опозиција, потсетувајќи на почетоците на неговото раководење со ВМРО-ДПМНЕ и активностите на терен со ограничени ресурси.
„Ова време не треба да се заборави“, порача Мицкоски, додавајќи дека целта останува работа во интерес на граѓаните и јакнење на довербата во институциите.
