МЗТ Скопје по повеќе од 25 години повторно заигра на европската сцена, но враќањето не заврши со победа. Во салата „Јане Сандански“, грчкиот Ираклис славеше над актуелниот македонски шампион со 59:64.
Најефикасен кај тимот од Аеродром беше Ноах со 18 поени, додека Ворнер додаде 11 поени, но тоа не беше доволно за МЗТ да стигне до пресврт и прва европска победа по враќањето.
Домашниот тим имаше шанса за целосен пресврт во драматичната завршница. МЗТ успеа да се доближи на само еден поен негатива (57:58), но не ги искористи двата последователни напади за прво водство. Ираклис веднаш казни и поведе со 57:62.
Тадиќ погоди за 59:62, но грчкиот тим го имаше последниот напад, кој Дијара го реализираше за конечни 59:64 и потврда на победата.
Во поголемиот дел од натпреварот Ираклис ја контролираше играта и резултатот. МЗТ на стартот поведе со 2:0, а потоа и со 8:7, но гостите брзо го презедоа водството и стигнаа до највисоки плус девет (15:24). Првата четвртина заврши со 21:26.
Во втората четвртина МЗТ беше подобар и со серија добри минути успеа да намали, но на пауза се замина со предност на Ираклис од 33:37. Третиот период донесе малку поефикасна игра, а гостите влегоа во последната четвртина со водство од 51:55.
„Сино-белите“ имаа свои моменти и можност за пресврт, но не успеаја да ги искористат клучните ситуации. Ираклис ја искористи шансата и од Скопје си замина со европски триумф.
