Кошаркарите на МЗТ Скопје вечерва го одработија првиот тренинг пред новата сезона, во која македонскиот шампион ќе се натпреварува на три фронта – Суперлигата, АБА2 лигата и ФИБА Еврокупот.
Тренерот Васко Атанасов на првата прозивка го имаше на располагање поголемиот дел од составот, а амбициите на „аеродромци“ остануваат највисоки – одбрана на домашните трофеи и остварување што подобри резултати во регионалното и европското натпреварување.
Посебно внимание привлекува враќањето на МЗТ Скопје во ФИБА Еврокупот по пауза од 25 години, што претставува дополнителен предизвик за македонскиот шампион.
До крајот на август тимот ќе тренира во Скопје, по што ќе замине на подготовки во Гевгелија. Таму се планирани и неколку контролни натпревари како дел од подготовките за новата сезона.
На првиот тренинг беа присутни и новите засилувања, а со првиот тим работеше и 15-годишниот Давид Петковски, кој важи за еден од најперспективните младинци на клубот.
Првиот официјален натпревар МЗТ Скопје ќе го одигра на крајот од септември, кога во рамки на Суперкупот ќе се соочи со Куманово.
