Речиси илјада прекршоци направени од возачи на електрични тротинети се евидентирани во рамки на акциските контроли што ги спроведе Секторот за сообраќајни работи при Министерството за внатрешни работи.
Контролите биле реализирани на целата територија на државата во периодот од 18 мај до 31 јули 2026 година, а биле насочени кон почитувањето на сообраќајните правила од страна на корисниците на лесни електрични возила.
Според податоците на МВР, при акциските контроли биле констатирани вкупно 965 прекршоци.
Најголем дел од прекршоците, односно 519 случаи, се однесуваат на непрописно движење. Возачите на електрични тротинети биле затекнати како се движат по пешачки површини, наместо по велосипедски патеки или ленти, што е спротивно на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Најмногу прекршоци биле регистрирани на подрачјето на СВР Битола, каде што биле евидентирани 443 неправилности.
Следуваат СВР Струмица со 112 прекршоци, СВР Скопје со 90, СВР Тетово со 86, СВР Велес со 73, СВР Охрид со 59, СВР Куманово со 45 и СВР Штип со 18 прекршоци.
Дополнително, Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата констатирала уште 39 прекршоци.
За сите утврдени неправилности биле преземени соодветни законски мерки и санкции.
Од Министерството за внатрешни работи најавуваат дека продолжуваат со засилени сообраќајни контроли, со цел зголемување на безбедноста и намалување на ризиците за сите учесници во сообраќајот.
Од МВР упатија апел до возачите на електрични тротинети да ги почитуваат правилата, да се движат по дозволени површини и да внимаваат да не ја загрозуваат безбедноста на пешаците и другите учесници во сообраќајот.
