Министерството за внатрешни работи ги предупреди граѓаните да бидат особено внимателни поради појавата на лажни пораки кои се испраќаат во име на системот „Безбеден град“ и имаат за цел да ги измамат корисниците и да дојдат до нивните лични и банкарски податоци.
Од МВР информираат дека во изминатиот период се регистрирани повеќе фишинг напади преку СМС-пораки, електронска пошта, лажни веб-страници, мобилни апликации и пораки на социјалните мрежи.
Во лажните пораки, кои наводно се испратени од Одделот за моторни возила, граѓаните се известуваат за наводен сообраќаен прекршок евидентиран од системот „Безбеден град“ и се повикуваат преку приложен линк да извршат уплата на казна.
Од Министерството апелираат граѓаните да не отвораат сомнителни линкови, да не внесуваат лични податоци, броеви од банкарски картички, лозинки или други чувствителни информации преку непроверени интернет-страници, како и секогаш да ја проверуваат адресата на испраќачот.
Дополнително, МВР препорачува користење двофакторска автентикација (2FA) за поголема безбедност на корисничките сметки, а секоја сомнителна порака веднаш да се пријави во надлежната банка или во Министерството за внатрешни работи.
Министерството појаснува дека вистинските СМС-известувања за сообраќајни прекршоци пристигнуваат исклучиво од испраќачот „MVR-SC“, задолжително содржат регистарска ознака на возилото и официјален линк од форматот https://safecountry.mvr.gov.mk…
Од Секторот за компјутерски криминал информираат дека активно работат на откривање на сторителите на ваквите измами и преземаат мерки за нивно санкционирање.
